Дипломска работа во завршниот семестар на студии
Translation not available yet!

Врз основа на член 71 и член 91 од Статутот на Градежниот факултет (Универзитетски гласник бр.13, од 8 ноември 2001 год.) и член 11 и член 71 од Правилникот за единствените правила за студирање на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” (Универзитетски гласник бр.20, од 30 ноември 2001 год.), Наставно-научниот совет на Градежниот факултет на својата 340 седница одржана на 11.2.2008 година ја донесе следната


ОДЛУКА
за измени и дополнувања на Студиските програми
и правилата за студирање
(воведување на Дипломска работа во завршниот семестар)

 

Член 1

На студиската програма по градежништво (модел 4+1), на трите насоки, еден од понудените изборни предметни програми во VIII-от семестар (обемност од 4 кредити) се заменува со “Дипломска работа”.

Член 2

На студиската програма по геодезија (модел 4+1), еден од понудените изборни предметни програми во VIII-от семестар (со обемност од 6 кредити) се заменува со “Дипломска работа” со обемност од 4 кредити. За два кредити се менува (зголемува) обемноста на задолжителните предметните програми.

Член 3

На студиската програма по геодезија (модел 3+2), во VI-от семестар се додава нова предметна програма “Дипломска работа” со обемност од 3 кредити. Бројот на кредити на другите предметни програми во VI-от семестар се намалуваат за вредноста на додадените 3 кредити.

Член 4

На студиската програма по геотехника (модел 3+2), еден од понудените изборни предметни програми во VI-от семестар (со обемност од 4 кредити) се заменува со “Дипломска работа” со обемност од 3 кредити. Обемноста на предметната програма “Земјани работи и конструкции” од 4 се зголемува на 5 кредити.

Член 5

Услови за запишување (пријавување) на Дипломска работа на додипломските студиите кои се одвиваат по модел 4+1 се:
Кандидатот да ги има положено сите предметни програми предвидени во првите 6 семестри од студиите, односно реализирани 180 кредити.
Кандидатот да ги има успешно проследено предметните програми од VII-от семестар од студиите (добиени потписи).

Член 6

Услови за запишување (пријавување) на Дипломска работа на додипломските студиите кои се одвиваат по модел 3+2 се:
Кандидатот да ги има положено сите предметни програми предвидени во првите 4 семестри од студиите, односно реализирани 120 кредити.
Кандидатот да ги има успешно проследено предметните програми од V-от семестар од студиите (добиени потписи).

Член 7

Услови за полагање (одбрана) на Дипломска работа се:
Кандидатот да ја регулира изработката на дипломската работа со добивање на потпис од менторот.
Кандидатот да ги положи сите предвидени предметни програми од додипломската студиска програма која се одвива по модел 4+1, односно да реализира 236 кредити.
Кандидатот да ги положи сите предвидени предметни програми од додипломската студиска програма која се одвива по модел 3+2, односно да реализира 177 кредити.

Член 8

Составен дел на оваа одлука е табеларниот преглед на предметните програми во завршниот семестар од Студиските програми, чл.1, чл.2, чл.3 и чл.4, како и усвоените правила и процедура за регулирање на дипломската работа.

Член 9

Одлуката за измени и дополнувања на Студиските програми со воведување на Дипломска работа во завршниот семестар, влегува во сила од денот на нејзиното донесување од Наставно-научниот совет на Градежниот факултет во Скопје, а ќе се применува од учебната 2007/2008 година.

Last Updated ( Monday, 26 January 2009 )
 
  • English
  • Македонски
© 2008, Градежен факултет, Универзитет "Св. Кирил и Методиј", Скопје, Македонија