Постапка за пријава на магистерски труд
Translation not available yet!

Постапка за пријава, оценка и одбрана на стручен, односно магистерски труд, односно изработка и/или изведба на уметничко дело.

 

(Извадок од Статут на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј", Скопје)

 

Член 225

Стручниот труд е самостојна стручна работа со која се систематизираат постојните знаења и се придонесува за решавање на проблеми од практиката. Магистерскиот труд е резултат на самостојна работа на студентот, со кој се систематизираат постојните научни знаења и се придонесува за нивниот натамошен развој. Магистерскиот труд од областа на уметноста може да биде и изложба на уметнички дела, театарска претстава, филм, радио или телевизиска емисија, композиција, концертна или сценска изведба на музичко дело, солистички концерт, а во архитектурата и архитектонски проект.

Член 226

Пријавата за изработување на стручниот, односно магистерскиот труд се поднесува до наставно-научниот, односно научниот совет по претходно дадено позитивно мислење на наставно-научниот колегиум, односно од комисијата за втор циклус, по положувањето на предвидените испити. Пријавата содржи: наслов на темата, образложение за научната, уметничката и стручната оправданост на темата, план за работа и преглед на литературата. По предлог на наставно-научниот, односно научниот колегиум, односно комисијата, насловот на темата се определува во рамките на научната област на која се изведуваат магистерските, односно стручните студии, а го потврдува наставно-научниот, односно научниот совет на единицата. Насловот на темата може да биде предложен и од кандидатот во договор со менторот.

Член 227

Одлука за определување на менторот, по предлог на наставно-научниот колегиум, односно комисијата за втор циклус, донесува наставно-научниот, односно научниот совет. Менторот се определува од наставно-научните и научните работници од потесната научна, односно уметничка област од која е пријавен трудот. По образложено барање на кандидатот или менторот, наставно-научниот, односно научниот совет може да донесе одлука за промена на менторот.

Член 228

Насловот на прифатениот магистерски труд се објавува во Билтенот на Универзитетот и на веб-страницата на единицата, на македонски и на англиски јазик.

Член 229

По завршувањето на менторската фаза, односно по изработката на трудот, студентот доставува пет примероци од стручниот, односно магистерскиот труд, со барање да му се формира комисија за одбрана. По образложен предлог на менторот за завршена менторска фаза, наставнонаучниот, односно научниот совет формира комисија за оценка на стручниот, односно магистерскиот труд од три члена, во рок од 45 дена од денот на доставувањето на трудот. Комисијата за оценка на стручниот, односно магистерскиот труд е должна да го прегледа трудот и на студентот писмено да му ги достави евентуалните забелешки, во рок од 3 месеци од денот на предавањето на трудот. Комисијата може да му го врати на кандидатот трудот со забелешките најмногу двапати и да му определи, во рок од најмногу три месеци, да постапи по нив.

Член 230

Студентот брани стручен труд најдоцна во рок од шест месеци од денот на одобрувањето на темата на стручниот труд.
Студентот брани магистерски труд најдоцна во рок од една година од денот на одобрување на темата на магистерскиот труд.
По барање на студентот, единицата на Универзитетот може да одобри продолжување на рокот за одбрана на стручниот, односно магистерскиот труд, за времето додека траеле причините за спреченост за работа на стручниот, односно магистерскиот труд. По истекот на овој рок, студентот губи право да го брани пријавениот стручен, односно магистерски труд.

Член 231

Комисијата изготвува извештај во кој дава оценка и образложение на трудот, најдоцна во рок од 3 месеци од денот на предавањето на трудот. Извештајот се доставува до наставно-научниот, односно научниот совет на единицата. По усвојувањето на извештајот, наставно-научниот, односно научниот совет формира комисија за одбрана и го определува денот на одбраната, во рок од 15 дена од прифаќањето на извештајот. Членовите на комисијата за оценка на магистерскиот, односно стручниот труд можат да бидат и членови на комисијата за одбрана. Кандидатот писмено се известува за денот на одбраната.

Член 232

Одбраната на трудот е јавна и се објавува на огласната табла на единицата, најмалку 7 дена пред денот на одбраната.

Член 233

По завршувањето на одбраната на трудот, комисијата за одбрана на трудот јавно ја соопштува оценката на одбраната на стручниот, односно магистерскиот труд. Оценувањето се врши со две описни оценки: го одбранил стручниот, односно магистерскиот труд и не го одбранил стручниот, односно магистерскиот труд.

Член 234

За текот на одбраната се води записник во кој се внесува оценката од член 233. Записникот го потпишуваат членовите на комисијата.

Last Updated ( Wednesday, 25 February 2009 )
 
  • English
  • Македонски
© 2008, Градежен факултет, Универзитет "Св. Кирил и Методиј", Скопје, Македонија