Истражувања

Како врвна научна институција од областа на градежништвото во Македонија, Градежниот Факултет постојно ја негува и развива научната дејност, без која не можа да се замисли прогрес. Наставниците и соработниците на факултет имаат објавено повеќе од 2500 научни трудови. Тие активно учествуваат со трудови на многу конгреси, советувања и симпозиуми во земјата и во странство. Факултетот повеќепати е организатор на научно-стручни манифестации одржани во Република Македонија. Во спроведување на научно-истражувачката работа од голема полза е библиотеката, во која се застапени околу 40000 наслови од домашни и странски книги и списанија.

Развојот на научно-истражувачката дејност на факултетот опфаќа два периода. До 1975 година научната работа на наставниците и соработниците во најголема мера е индивидуална, а извесен број наставници и соработници учествувале во работата на други истражувачки и стопански организации (Заводот за испитување на материјали, Заводот за геотехника, Заводот за студии и проектирање при факултетот, кои се самостојни работни организации), во проектантските организации (Хидроелектропроект, Пелагонијапроект и др.).

По конституирањето на Градежниот факултет како самостојна организација во 1975 година се создадени услови за интензивирање на научно-истражувачката работа. Во најголема мера таа се одвива со ангажираност во научно-истражувачки проекти и изработка на магистерски и докторски дисертации.

Со конституирањето на факултетот во самостојна организација во 1975 година, воведена е и нова организациона поставеност. Насочувани од наставно-научниот совет на факултетот, од тогаш научните проекти се работат во тогашните институти. На сите институти се изготвени по повеќе проекти. Некои од нив имаат меѓународен карактер, односно се изготвуваат во соработка со соодветни институции од странство. Најголемиот дел од проектите се финансирани од тогашната СИЗ (Самоуправни интересни заедници) за научни дејности. Со осамостојувањето на нашата земја, финансирањето на научните проекти го презема Министерството за наука. По правило, во изработката на научните проекти, водени од искусни кадри, се калат и соработниците, наоѓајќи материјал и поле за свое научно усовршување и напредок.

Во моментот на факултетот се работи на повеќе научно-истражувачки проекти, финансирани од Министерството за наука или странски програми.

 

Последна промена ( 22.05.2008 )
 
  • English
  • Македонски
© 2008, Градежен факултет, Универзитет "Св. Кирил и Методиј", Скопје, Македонија