Втор циклус на студии

 

 

Градежниот факултет е институција со шестдецениска традиција, време во кое претставува стожер на една од најзначајните стопански гранки - градежништвото. Главна задача на Градежниот факултет е да обезбеди квалитетно и компетитивно високо образование на кадри во областите кои ги покрива. Факултетот врши континуирано иновирање на студиските програми, во склад со современите научни достигнувања, како и на методите и средствата за изведување на наставниот процес.

 

За да се продлабочат теориските и научните знаења на дипломираните градежни инженери, Градежниот факултет – Скопје, во определени временски интервали, во зависност од интересирањето на кандидатите, организира постдипломски студии. Првите вакви студии, во траење од три семестри, и уште еден за изработка на магистерската работа, почнаа во 1974 година, и тоа со конструктивната насока. По две години почна нов циклус, и тоа од насоките конструктивна и патишта и железници. Во периодот од 1980-82 година одржани се студии за три насоки: конструктивна, хидротехничка и патишта и железници. Следниот циклус, од 1984-86 година, исто така опфаќа постдипломски студии од три насоки: конструктивна, хидротехничка и за геомеханика и фундирање. Петтиот циклус, одржан во периодот 1988-89 година, е организиран во две насоки – конструктивна и хидротехничка. Последниве години наставата се одржува три насоки: конструктивна, хидротехничка и патишта и железници, според реформираната програма, со голем број изборни предмети, што даваат можност за поднасочување со изведување менторска настава. Паралелно со студиите за стекнување на звањето “магистер на технички науки”, организирани се и постдипломски студии за стекнување на звањето “специјалист” за пооделни области на градежништвото, но интересот на стручњаците за овој вид усовршување беше релативно слаб. Во почетниот период на изведувањето на постдипломските студии наставно-научните дисциплини беа покривани, покрај со сопствен кадар, и со еминентни наставници од други факултети од нашиот универзитет, како и со гости од други факултети и универзитети. До 31.IV.2008 на нашиот факултет се одбранети вкупно 77 магистерски работи и еден специјалистички труд.

 

Целта на последипломските студии е создавање на солидна експертска база која ќе придонесе за поуспешно вклопување на нашата заедница во глобалните евроинтеграциски процеси од една страна, како и поуспешно решавање на проблемите со кои е соочено градежништвото од друга страна. Исто така со организирањето на последипломските студии се создава можност од саморепродукција на наставно-научниот потенцијал, неопходен за изведување на наставата на сите степени на високото образование во нашата државa.

 

 

 

 

Последна промена ( 17.02.2011 )
 
  • English
  • Македонски
© 2008, Градежен факултет, Универзитет "Св. Кирил и Методиј", Скопје, Македонија